Недела, 20 2012

Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)
Локација: Историја и Идеологија Интервјуа Христос Сидеропулос , борец за човекови права

Христос Сидеропулос , борец за човекови права

 

Христос Сидеропулос е претседател на Македонското движење за човекови права што работи во Грција. На прославата по повод 55 - годишнината од граѓанската војна во Грција тој ги обвини бегалците дека половината од нив само се жалат на судбината и дека ништо не сториле за да ги добијат правата.


Неговата организација речиси 15 години ги бара правата на македонското малцинство во оваа земја. Тие го покренале овој проблем во Обединетите нации, во Советот на Европа, во Европската Унија, а контактирале и со Хелсиншкиот комитет и со Амнести инетрнешенал.

Зошто ги обвинивте бегалците од граѓанската војна дека ништо не прават за своите права?

- Самите иселеници од Грција што живеат во други земји можат многу да сторат. Во светот има околу 100.000 Македонци што потекнуваат од Егејска Македонија, можеби и повеќе. Ако секој од нив секоја година напише по една картичка, по едно писмо до Обединетите нации, замислете какво влијание ќе има тоа врз оваа институција. Ако тоа се правеше организирано, во оваа и во другите организации и меѓународни институции ќе знаеја за нашиот проблем. Ние, како мирен народ, за решавањето на нашиот проблем не направивме терористички организации. Кај нас немаше криминално однесување за да излеземе во јавноста. Сведоци сме дека многу малцинства за решавањето на своите проблеми формираат терористички организации. Ние никогаш нема со тероризам да ги бараме нашите права. Ќе работиме преку меѓународните институции.

Како проценивте дека во Грција има 1.200.000 Македонци?

- Бројот на Македонците ние го определуваме според процентите на населението во секој град. Во Лерин, на пример, има 65.000 жители. Македонци се 75 отсто од населението. Овие процени ги правиме врз основа на писмата што порано некои од институциите и ги пишуваа на Владата. Во таквите писма Владата се известуваше дека, на пример, во некои од селата во Леринско нема ниеден Грк, дека само една куќа е грчка. Тоа е начинот на кој може да се процени бројот на Македонците во Грција.

Зошто сметате дека на Македонците што останале да живеат во Грција им е потешко отколку на оние што си заминале?

- Имаше стратегија да се уништи македонскиот народ. Прво ги пуштија нашите дедовци на фронтот во Турција, од каде што многумина не се вратија. Од 1930 до 1950 година, со диктатури, со некои малверзации што ги правеше власта во тоа време, бројот на Македонците се намали драстично. Државата потпиша договори за размена на население со Бугарија, со Албанија и со тогашната Југославија. На некои луѓе им се стемни од сè и си заминаа. Се запишаа како Бугари и си заминаа во Бугарија. Еден дел си заминаа и во Албанија.

Многумина, сепак, останаа. Кога Грците сфатија дека не можат толку лесно да го расчистат теренот, почнаа да носат население од Мала Азија за да го истисне македонското. Во тоа време имаше закони со кои можеше државата да ти го земе имотот иако си староседелец. Тоа се правеше во името на оние што доаѓаа од Мала Азија. Многу имоти беа одземени на овој начин. Така, денес, Македонците во Грција имаат многу малку земја.

Со кои проблеми се соочува вашата организација?

- Главен проблем ни е што не признаваат дека воопшто постојат Македонци во Грција. Од тоа потекнуваат сите други проблеми. Нема човекови права. Сето друго е дреболија.

Нашата организација стана легална дури во 1990. година. Од тогаш имаме повеќе проблеми отколку пред тоа. Луѓето остануваа без работа, па поради тоа се преселуваа во други земји.

Што прави Македонија за решавањето на ова прашање?

- Македонија, како наша матична држава, требаше да го покрене прашањето на нашите права, но не го прави тоа. Мене ми е жал што морам да го кажам ова. Од 1993. година политичарите во Македонија почнаа да размислуваат дека ако се покрене ова прашање, тоа ќе има негативни последици на кредитирањето на земјава. Тие тоа го прават за пари, не го прават за ништо друго. Мислам дека е подобро да си сиромашен, но горд со тоа што си, отколку да си богат, а да си ништо. Јас сум Македонец и не давам никој да ми го смени името. Јас немам право да го сменам тоа име.



Извор „Време“

Додади коментар

- За нерегистрирани членови на порталот:
Бидете пристојни при оставање на коментари затоа што непристојните нема да се објавуваат. Максимум 24h до објавување на вашиот коментар.
- За регистрираните членови на порталот:
Вашите коментари се објавуваат веднаш, ве молиме да внимавате на речникот кој го користите и да не ги злоупотребувате привилегиите кои ви се дадени.


Сигурносен код
Рефреширај

Поврзани наслови